среда, октомври 21, 2009

Пусто поле

Дење: врани и гаврани те затемнуваат
и од сите вишни длабочини те гракаат,
ноќе: од черепите гласот им се одзива.
...

Ноќе: една сенка со друга се венчава
пред мртвите без име и презиме.
...
ти ништо не браниш, јас нема што да бранам,
ти немаш никој, а јас сум без никого,
а кај што нема никој и никој нема ништо.

Петре М. Андреевски
Умирањето на нацијата може да се спореди со чувството на беспомошност на машиновозач кој е соочен со неможноста навреме да запре пред пресудата на самоубиецот на шините. Дали навреме да се напушти овој резерват, е големиот план!? Тоа е нашата погубна национална идеологија. Темата убивање на селото, со децении тајна, својот врв како многуте потиснати идеолошки табуа, го доживеа во 90-тите. Селото изумираше и тоа, како многу нешта во транзицијата стана парола која ја преповторуваат сите и со нејзино изговарање и рамнодушен заклучок се лишуваа себеси од каква било одговорност. Причините за распаѓањето на селото се лоцираа во недостигот на инфраструктура и услови за живеење, резултат на небрижноста на нашите црвени кмери, меѓутоа уште потажно е и што се запусти еден цел универзум и систем на верувања и вредности. Денес човекот не е загрозен само по селата и помалите места, белата чума за која пишуваше Петре, надвиснува над градовите. Запуштени дворови, фасади со избледени бои чии парченца се ронат, архитектонски зданија што се искривуваат, огради и настрешници што опасно се навалуваат, балкончиња што предизвикуваат одрон... нема кој да повика служба да ги одведе на отпад ‘рѓосаните каросерии од колите чии сопственици одамна се починати, во неподносливо морничава тишина лулашките на празните игралишта се нишаат на ветрот без гласовите на децата. Поштарот, кој ги носи пензиите како осамен гласник на надежта, е единствениот пред вратата на оние што не можат да ја отворат, нема деца на нивниот праг. Стануваме стари и немоќни луѓе кои својата мудрост и сведоштво никому не можат да му ги пренесат.

Многумина млади парови кога можат да оформат семејство, одбираат да бидат лажно слободни со искривена претстава за независноста. Францускиот денди писател Фредерик Бегбеде ќе напише: „Самците смрдат! Самците смрдат, зошто немаат жена да им каже да се избањаат. Самецот често може да се препознае по неизбриченоста, по својот вински здив, на неговата смрдлива кошула недостасува горното копче, самецот многу повеќе предизвикува сожалување отколку завист (освен кај оженетите мажи, кои замислуваат дека самците се слободни, но тие всушност се очајни). Самиот Бог знае колку треба да се биде очаен недела навечер да се јаде *хаппѕ меал и да се зјапа во телевизорот...“

Мишел Уелбек, писател и негов пријател по стил, во една од своите книги раскажува за податокот дека во една божиќна ноќ во Франција масовно се самоубиле стотици стари лица од депресијата настаната од грубиот и суров однос на младите болничарки кон нив. И тоа богати старци, со големи кариери зад себе, кои не штедат пари за грижата кон нив, но кои очигледно не можат да си купат љубов, љубезност и наклонетост.

Во нашето општество, мас-медиумите уште одамна почнаа да го слават егоизмот и нарцизмот. Се' повеќе силиконски креатури и рурални мачомени, изјавуваат дека бракот е само непотребен потпис на хартија, дека тие се постојано заљубени, таков лош еуфемизам за промискуитетот и за раскалашеноста.

Кога подлабоко ќе размислам, од сите општествени ангажмани, демографскиот е најсуштествен. Намерно одбегнував да употребувам бројки и статистика, тоа се мерки за мртви нешта. Во зголемување на наталитетот не гледам мегаломански проект за билдање на нацијата. Борбата за поголем наталитет е борба за економски растеж, за работна сила, за свежа крв која ќе ги облагороди опустошените полиња во сите општествени сфери.

Во студиите за наталитет наидов на податок дека и традицијата може да преставува проблем. Денес, јужните католички земји, како Шпанија, Италија и православна Грција се соочени со најслаб наталитет и со голем морталитет. Стручњаците укажуваат дека тоа е поради двојниот товар на кој е подложена жената, и да раѓа, да го одржува семејството, и да работи без помош од мажите. Северозападните земји, како Франција, Германија, Британија подобро се справуваат со проблемот на наталитетот поради заемната поделба на обврските.

Затоа мојот поттик првенствено е упатен до мажите кои мора да покажат поголема цврстина, вистинска мажественост и силна одговорност, наспроти култот на безделничирењето и дробењето дневна политика во кафеаните.

Labels:

Последниот Ѕвончар

Живеев и израснав на улицата на Ѕвончарите во Битола. Со жар во очите ги набљудував овие вешти мајстори како работеа со огнот на својата умешност. Кристално јасно се сеќавам на ѕвонците, прапорците, клопотарците. Постоеја два вида клопотарци - јаниски и солунски и клекачки за маски и за коњ. Во големиот пожар изгореа сите дуќани со старите подрѓосани ќепенци кои некогаш неодоливо чкрипеа. Остана само еден ѕвончар. И покрај тоа што улицата беше во најстрогиот центар на градот во близина на градската општина, таа улица не беше асфалтирана. Таков бескруполозен однос имаа бирократите од социјализмот спрема класните непријатели - занаетчиите. Во 1991 година наполнив шест години, најпосле улицата беше асфалтирана. Веднаш се почувствува свежина, нов живот, гумите на нашите велосипеди „пони“ го мазнеа врелиот асфалт. Останаа старите згради, но некогашните дуќанчиња сега беа бакалници, трговски фирми како и една продавница за чоколада и бонбони, и во темните 90-ти улицата беше преименувана во Гробарска поради неколкуте погребални претпријатија, бизнисот на тоа време.

Конечно последниве години почнува реставрација и конзервација на објектите од културно значење како и заложби за помагање на преостанатите занаетчии со поддршка од меѓународни фондации. Во блиска иднина по влегувањето во ЕУ и НАТО, наездата на капитал и трката по бездушен профит што се очекува да следува, неопходна ќе биде многу храбра граѓанска иницијатива за заштита на културното наследство и за зачувување на душата на градовите. Кога се обидуваме нешто да зачуваме или обновиме во нашата држава тогаш избиваат големи расправии и негодувања за различни приоритети. Предолго се симулираат лажни спротивставености кон есенцијата на македонската историја и култура. Во крволочен лов на политички поени се повикува на идеолошка пресметка на спротивните опции кога се настојува да се форсира историскиот период на чие политичко наследство се легитимира и се повикува, кога се прави обид да се направи неопходен континуитет помеѓу Илинден и НОБ, антиката и словенството.

Несомнено е дека на хоризонт се појавуваат нови генерации млади Македонци на кои не може да им се каже од кој век може да се истражува, каде смеат, а каде не да го утврдуваат своето потекло. Стариот естаблишмент се' уште се обидува да заплашува со предупредувања од загрижената белокоса интелигенцијата. Од својата ретроградност и социјалистичка зачмаеност, полни со стари предрасуди не се лишени ни многу помлади кои ги преповторуваат постмодернистичките максими за инклузивност и толеранција на другиот, но никогаш не поддржуваат рехабилитација на револуционери и дводомни автори. Тоа ме потсетува на драмата „Диво месо“ (1978), лектира за сите генерации, една од најдобрите драми пред 90-тите и барутните театралности полни со претенциозност, квазиурбаност и бладачка авангарда, која по рушењето на Југославија гледаше само апокалични визии. „Диво месо“ е нешто сосема поинакво, универзално битно, каква што мора да биде уметноста, но сепак не го одбегнува битот на поднебјето и одликите на менталитетот.

Денес на јавната сцена владеат слични ликови со филистерски дух со кои би сакал да повлечам неколку паралели. Лик на невиниот Стефан, надежниот бирократ во странска фирма кој не разликува буке, не си го знае родословот, но затоа постојано зборува за Европа, колку е тој уважен, колку е тој прозападно настроен и како поради тоа никој овде не го разбира. Ликот на револуционер-бакалџија задоен со словенски мазохизам, Андреја, и неговите современи карикатури престорени во денешните револуционери-рекетари водени од анимален нагон за ресурсите на државниот буџет и привилегии кои насекаде гледаат фашизам и антиатеистички заговори. И третиот лик, братот Симон, келнерот, кој отсликува голем дел од денешната конформистичка младина на која најголема болка всушност и' претставува отсуството на болка. Стариот ѕидар, паднал од скеле, ги изгубил нозете за да ја направи куќата за своите синови, а тие не само што не го почитуваат и не се подготвени да го доградат својот дом, туку се обидуваат своето наследство да го трампаат за брза европеизација.

Тие не го доведуваат во прашање беспрекорниот патријархален авторитет, како што би рекле денес адвокатите на политичката коректност, туку го негираат и ништат како личност херојот, својот татко.Драмата е комплексна и не трпи прости толкувања, но е една од ретките со порака, која отворено говори за газење на традицијата, која не е апстрактен збир на вредности, туку на конкретни принципи на макотрпниот труд, пожртвуваноста и посветеноста скоро до фанатичност.

Денес ја имаме тешко издвојуваната национална слобода и стоиме пред прагот на европскиот двор, камбаните бијат за нас, не' чекаат битки од поинаков вид. Борба за градење, негување на нашата традиција во согласност со модерното време, докомплетирање на конститутивните делови од историјата, растоварени од каков било идеолошки баласт, и можеби најважното, формирање граѓанска и слободна култура, поставување на исклучителните вештини и доблести на пиадесталот, триумфот на последниот ѕвончар.

Објавено во „Дневник“ 29.06.2009 г.

ul na zvoncarite.JPG
Улица на Ѕвончарите

Labels:

Плодови на земјата

Во „The Conservative Mind: From Burke to Santayana“ (1953) авторот Расел Кирк вели дека есенцијата на конзервативизмот лежи во шест канони: (1) - божествена интенција и лична совест го владеат општеството; (2) традиционалниот живот е полн со разновидност и таинственост, додека повеќето радикални системи се окаректеризирани со стеснување на конвенционалноста; (3) цивилизираното општество бара ред и хиерархија; (4) сопственоста и слободата се неделиво поврзани; (5) човекот мора да ја контролира својата волја и своите апетити, знаејќи притоа дека е воден повеќе од емоција, отколку од разум; и (6) општеството мора да се менува полека.

Четврта година средно. Таа последна година изминуваше во летаргична атмосфера на уморни маратонци, во постојан копнеж за славните матурски денови. И кога не очекувавме дека гимназијата може да не'научи на уште нешто, однекаде се појави нов наставник по предметот историја, Панде Наумовски. Беше многу горд кога раскажуваше за своето потекло од потпелистерското село Брусник, театрално покажувајќи ни ги своите земјоделски дланки, огрубени од креирањето на својата нива на која одгледуваше јаболка. Огледувањето јаболка е моја професија, предавањето ми е повеќе како хоби - ни рече. Панде раскажуваше многу весели анегдоти и брзо стана омилен меѓу учениците. Неговата духовитост веројатно произлегуваше од она што британскиот писател Џ. К. Честертон во „Ortodoxy“ (1908) го нарекува етички систем од 4 принципи: воодушевување на можностите на животот; благодарност за самиот живот; радост во постојаноста; и посветување на воздржувањето.

Историјата не ја предаваше здодевно, туку низ приказни, зачинети со морални поуки придружени со понекое негово искуство од животот, беше роден раскажувач; умееше со тоновите, паузите, гестикулациите да ја долови епохата. Како што стои во одличната книга „Dynamics of World“, на Кристофер Досон (2002) - Есенцијата на историјата не се наоѓа во фактите туку во традицијата.

Мојот наставник умееше високо да ги мотивира учениците со најслаби оценки. Тоа беа ученици на кои никој не им обрнуваше внимание, сите заборавиле дека и тие можат да научат, да бидат корисни за себе. Така, ни демонстрираше што значи тоа давање еднакви можности. Не криеше дека е марксист по струка, но со таа идеологија беше расчистил многу одамна, во манирот на харвардскиот советолог, Ричард Пајпс, кој напиша дека комунизмот не е добра идеја - лошо спроведена, комунизмот е лоша идеја. Во младоста му било дадена обврска да подготви марксистички проект и на него работел цела година. На некој свечен јубилеј, сите заслуги за сработеното си ги препишал некој полуписмен партиски функционер, и тоа било причина за неговиот раскин со марксизмот. Од ударите на животот, ние ги создаваме нашите принципи и верувања.

Така Панде му се вратил на Бог, и ни раскажа за него. Ни одржа лекцијата за местото на религијата во општеството. Ни напомена дека во Швајцарија, каде што тој престојувал извесно време, на првиот час учениците ги учат дека земјата е многу сиромашна и како треба напорно да работат доколку сакаат да преживеат, додека во нашиот образовен систем се проповедаше дека сме многу богати и развиени. Во Швајцарија, има разни цркви, велеше тој, па дури има и црква на сатаната, и секој е слободен да избира, но на првиот час се учи за Библијата.

Еднаш, во близина на неговата нива сосем случајно видел наша соученичка која со семејството собирала компири. Таа веднаш притрчала да го замоли да не дозволи тоа да се дознае меѓу соучениците. Тоа беше резултатот на испервертираните вредности на еден образовен систем, кој направи сите да се срамиме од земјоделската работа, од работата воопшто.

Доколку денес го анализирам мојот наставник, не би рекол дека беше конзервативец во права политичка смисла, туку беше она што Американците го нарекуваат старомоден либерал, прототип на модерниот конзервативец денес.

Ли Едвардс, во светот на егоизмот на модерниот човек, хистеричниот оптимизам и војната која се води против супстанциите, дефинирал дека меѓу основните принципи на конзервативизмот се: цврста верба во ограничена уставна влада; убедувањето дека слободата произведува просперитет; перспективи, и граѓанско општество; и верување во светите морални принципи.

И уште една лекција од добриот наставник, кој живееше од плодовите на земјата, која не можам да ја заборавам е за Џорџ Вашингтон, кому му се восхитуваше зашто по истекот на вториот политички мандат, кога му бил понуден и трет, тој го одбил велејќи дека е земјоделец и дека се враќа на својот ранч да ја работи својата земја. Тоа е можеби една од поважните лекции за Балканот каде што се негуваат култови на личности на политички водачи.

Се надевам дека денес мојот наставник е во добро здравје и дека ужива во своите пензионерски денови, неговите поуки ќе ги паметам до крајот на животот.

Објавено во „Дневник“ 23.06.2009 г.

Mucha_A.jpg

Labels:

Татко на човекот

„Животот е можност - искуси ја. Животот е убавина - воодушевувај и се. Животот е сон - направи го јаве. Животот е предизвик - соочи се со него. Животот е задача - извршувај ја. Животот е игра - играј се. Животот е драгоцен - негувај го. Животот е богатство - чувај го. Животот е љубов - уживај во неа. Животот е тајна - проникни ја. Животот е ветување - исполни го. Животот е тага - надмина ја. Животот е химна - пеј ја. Животот е борба - прифати ја. Животот е трагедија - соочи се со неа. Животот е авантура - осмели се. Животот е среќа - заслужи ја. Животот е живот - брани го!“ - Мајка Тереза.

Mucha_D.jpg

A. Mucha

Ќе ви кажат дека тоа единствено ние го правиме како држава, дека не го прави никој друг, можеби уште некои заостанати, но тие лажат. Не станува збор за забрана на абортусот, туку стимулирање на донесување на најприродната одлука во животот без страв.

Со сите сили го браниме стариот поредок, на беззаконие и неможност за носење на било какви важни одлуки за самите нас. Прашање на живот и смрт на една нација. Секој окупатор кој ставил нога овде, се грижел да бидеме доволно на број, да има доволно робови да му служат. Денес кога некогашните робови, имаат своја држава неопходно е да изготват стратегија за популациска политика.

Денес сме ставени во позиција да чувствуваме срам и страв да го штитиме животот, да ги храбриме младите да не се плашат од обврските кон мајчинството и татковството, за да не бидеме погрешно сфатени и прогласени за бесчувствителни кон правото на секого да одлучува за своето тело. Јас велам доста со таа стигма, доста се чувствуваме како криминалци ако во жената гледаме успешна мајка и кога таа не е подготвена за тоа. Јас велам да им се помогне на младите родители да се школуваат полесно, да домуваат, и да остварат кариера за која се достојни.

Проблем со наталитетот има модерна Европа кон која се стремиме. Германскиот научник Штефан Кренерт во една пригода ќе изјави дека: Денес важи колку повеќе жени се вработени во една земја, толку е поголем бројот на новородени деца. Земјите што успеваат да ги спојат кариерата и родителството, и тоа за двајцата родители, имаат најголем наталитет. Тука, пред се, спаѓаат скандинавските земји и Франција. Тоа го потврдува и истражувањето на Еуростат од 2007 г. дека во 2005 г. Франција е водечка земја со 1.92 отсто. Друг пример е Ирска, која после серија владини мерки со поддршка на католичката црква за 4 години успеа значително да ја зголеми популацијата. Тие, според даблинскиот економист Еуанан Кинг, ќе придонесат за економска ренесанса. Многумина ќе противречат дека за зголемен наталитет единствено е важен стандардот. Од истите резултати Словенија, иако економски најразвиена од некогашните земји од исток, има најнизок наталитет. Во соседна Бугарија, независно од тоа што во Владата седат реформирани комунисти се донесоа мерки што во 2006 г. донесоа пораст, бугарите дури отидоа понатаму, залагајќи се за воведување на пензии за бабите и дедовците кои чуваат внуци. Во САД веќе години наназад постои активно про-живот движење кое тврди дека животот е биолошки факт и дека најпрвин почнува како КОНЦЕПТ и дека тоа не е религиозно или филозофско верување, туку научен факт.

За мене лично подеднакво е важно жените кои раѓаат да добијат повеќе бенефиции но пред се, да бидат заштитени од уцените на нивните шефови или претприемачи кои на младите девојки им напоменуваат дека не очекуваат од нив да забременат. Покрај жените, породилно отсуство е неопходно да добијат и мажите бидејќи во грижата на детето подеднакво учествуваат двајца родители.

Во 2007 година, во Берлин и Кан филмот насловен: ‘4 Месеци 3 Недели 2 Дена’, на младиот романски режисер Кристијан Мунгуи беше убедливо прогласен за најдобар европски филм. Дејството во филмот е сместено во 80тите, при крајот од владеењето на Чаушеску. Општо познато е дека тој донел декрет за раѓање на пет деца и го забранил абортусот. Во филмот, во документаристички стил, се прикажани маките на две студентки, другарка и бремена девојка, кои се обидуваат да абортираат илегално.

Приказната навидум изгледа класично либерална но е болно реалистична особено во однос на нашите услови во кои исклучително интелектуално напредни жени се соочуваат со типични постсоцијалистички услови, но иако се чини е лишена од било какви нападни и експлицитни пораки, раскажана е со единствено можен начин да се дофатат таквите приказни - емоционално. Имено, абортусот треба да го изврши сомнителниот надри-лекар иронично наречен мистер Бебе. Двете девојки доживуваат разни непријатности и понижувања, голема морална деградација и загуба на дел од себе, дел во најсуштинската смисла на идентитетот. Како секој убиец, девојките чувствуваат дека убиле и дел од себе.

Создавањето на животот е фасцинантно. Секој треба да биде слободен да го почувствува. Како маж секогаш сум чувствувал должност кон штитење на идејата дека детето е личност уште пред да се роди и дека некое од тие неродени деца ќе биде нашиот татко.

Како што пее Калил Џибран: Вашите деца не се ваши деца. Тие доаѓаат низ вас, но не и од вас. И покрај тоа што се со вас, не ви припаѓаат вам. Може да им дадете љубов, но не и своите мисли, оти тие имаат сопствени мисли.

Објавено во „Дневник“ 16.06.2009 г.

img_big.jpg

Labels:

Архитект на хаосот

Во расказот „Куќа со мезанин“ (1896 г.) од Чехов, селската лекарка резигнирано констатира дека животот на девојката што умрела на породување би бил спасен кога би имале модерна амбуланта, и дека сиот мрак во селото се должи на доцнењето на модернизацијата. Нараторот на тоа реплицира: „Не е важно тоа што Ана умре на породување, туку тоа што Ана, Мавра, Пелагија од утро до мрак ја свиткуваат кичмата и болуваат од претерана работа, цел свој век треперат над гладните и болни деца, цел живот се плашат од смрт и болест, цел живот се лекуваат, рано овенуваат, рано остаруваат и умираат во нечистотија и смрдеа; а нивните деца, штом потпораснат, почнуваат иста песна, и така поминуваат стотици години, и милијарди луѓе живеат полошо од животни...сето тоа поради парче леб, чувствувајќи голем страв. Целата страотност на нивната положба е во тоа што немаат време да размислуваат за својата душа, немаат кога да се сетат на својот лик и облик: глад, студ, животински страв, претерана работа, со снежни наноси им е заграден патот до духовната дејност, токму по она со што човек се разликува од животните, поради што единствено е вредно да се живее...“

Тезата на Чехов е мошне индикативна, особено за македонските интелектуалци, и нивниот ангажман се заснова и завршува на паролата: Повеќе школи, библиотеки и болници... мантра која ја повторуваат пред секоја реформа за развој, културно и духовно издигнување, токму тие, кои само гравитираат околу култот на науката, но не се просветлени и се' уште ништо вредно во цивилизациски рамки не придонеле. За одгледување на таквите марксистички воспитани филозофи, луѓето од нивната класа морале да работат неколкукратно повеќе. Не мора да им враќаат, но нека не го убиваат Бог во нив со диверзии против изградбата на духот, во време во кое колективната свест и моралот на луѓето, и покрај забрзаниот технолошки развој, се' уште се дистанцирани од несреќните, сиромашните, осакатените, оние на кои модерниот материјалист не може да им помогне.

За мене е несфатливо да се брани изгледот на сегашниот скопски плоштад кој се чини досега единствено можеше да се збратими по естетика со Архангелск, Курск и слични гратчиња од заспаните руски провинциски чеховски степи каде што плоштадите во текот на советскиот режим намерно биле соголувани и градени без ниеден значаен објект, макар и дрвце, се' со единствена цел да се спречи евентуалната можност да се изврши атентат на некој црвен Бољар за време на неговиот 6 часовен говор. Оние кои се против изградбата на црква и споменици испраќаат една колонијалистичка порака (тоа е рефлекс на естаблишмент навикнат да биде негуван од колонијалистичка рака, секако во извесна смисла таа повеќе денес е имагинарна. раката ја нема, но рефлексот постои): граѓаните немаат право на објекти што одразуваат цивилизациски развој, немаат право на висока естетска градба, на ништо што евентуално би симболизирало возвишеност, победа или величественост на духот на народите кои живеат во оваа држава. Според нив пожелно е да бидеме сведени на анимални навики, да се давиме во малодушност и дефетизам пред сублимни пораки во бомбастичните наслови. Дозволуваме оние стари гангрениозни архитекти на хаосот (кои не беа ампутирани уште во 90-тите, кога го промашија историскиот миг) на секое спомнување на црква, но и судска палата, театар, спортска сала, библиотека, болница, скулптури, или кој било објект надвор од нивните конструкции, секојдневно да ни го понижуваат и навредуваат достоинството. Да, тие што мислат дека го штитат секуларниот поредок, а всушност го чуваат статус-квото, заостанатоста, летот во место.

И на крај, за естетиката на убавината и потрагата по неа, и во градбите на Вангел Божиновски, и во археолошките постигнувања на Паско Кузман, ќе ја цитирам писателката и прв женски академик во француската академија Маргерит Јурсенар од „Мемоарите на Хадријан“ (1951): „Мојот идеал беше заклучен во зборот убавина, толку тежок да се дефинира и покрај сите сведоштва од страна на сетилата и очите. Сакав градовите да бидат достојни за восхит, пространи и напојувани со бистра вода, населени со луѓе чии тела не се деградирани ни од лузните на сиромаштијата, ни од ропството, ни од надменоста на простачкото богатство: учениците да ги читаат точно лекциите што нема да бидат со беден дух; дома жените да имаат еден вид мајчинско достоинство во своите движења и добро да се одмораат; вежбалниците да бидат посетувани од млади луѓе на кои им се добредојдени игрите и уметностите; овоштарниците да обилуваат со најубави плодови, а полињата со најштедри реколти. Сакав беспределната грандиозност на римскиот мир да допре до сите, непоколеблив и сушт како музиката на небесното пулсирање; најсиромашниот патник да може да талка од една земја до друга, од еден континент до друг, без понижувачки формалности, без опасности, насекаде сигурен во минимум законитост и култура; нашите војници да го продолжат вечно својот воен танц на границите; и работилниците и храмовите да функционираат без пречки; морето да го браздат убави бродови, а по патиштата често да минуваат запреги; и филозофите и танчерите да имаат свое место во еден добро уреден свет. Тој идеал, во целост умерен, ќе беше често достапен ако луѓето му посветуваа еден дел од енергијата што ја трошат за срамни и безмилосни дејства...“
hell_by_Shimp.jpg

Labels:

Години на рикање на Црвениот Змеј

Тоа се група интелектуалци, кои наместо да бидат подложени на темелна опсервација од критичката јавност за својот удел во транзициските години, налик на експериментални бели глувци, исползуваат од окното на една морална бездна рикајќи како револуционерни ламји.Ова нема да бидат „изолационистички“, туку ќе бидат години на исчезнување на диносаурските социјалистички интелектуалци и професори од јавната сцена заедно со крвавиот тефтер на Маркс, со нивното паролашко и демагошко сфаќање на мултикултурата, концепт во кој воопшто не веруваат и кој им служи само за денунцирање на десноориентираните.Ова нема да бидат „антиквизациски“ години, ова ќе бидат години кога за последен пат, повампирените неокомунистички писари секое изразување на национално чувство ќе го санкционираат како фашизам.

Ова ќе бидат години кога секој профитер од јавната сцена, кој се затерал да глуми Коперник или Бодлер, ќе размисли убаво дали може да фрли камен по МПЦ. Не поради анатема, туку затоа што ќе се чуе и досега замолкнатиот верски глас.Доколку го анализираме печатот континуирано ќе забележиме дека се' уште се сервираат старите илузии. Читаме квазиисториски фељтони за Тито како подметната амнестија за злосторствата на диктаторот, ни се форсираат озборувачките мемоари „без маска“, кои не се нималку наивни. Посткомунистичката елита педантно не' известува за љубовниците, шампањите и клавирите, како симбол на хохштаплерството на Маршалот на кое всушност тие до ден-денес му се поклонуваат.

За „работниот народ“ се продаваат старите комунистички трикови: Децата на Тито, нивната наводна сиромаштија, „приче о поштењу”. Добро замаскираните социјалистички претприемачи имаат лице да ни продаваат „скромност“, да ја идеологизираат носталгијата. Денешните први наследници на комунистите се себепрогласуваат за „урбани, градски и алтернативни“ наспроти историската вистина дека нивните предци најпрвин во сопствените редови ги збришаа напредните градско-буржујски елементи што беа за национална кауза, а потоа ги елиминираа повоено, на што освен од идеолошката неподобност, беа поттикнати и од личната планинска инфериорност.

Таа неолиберална-нарко-анархо-левичарска авангарда е нашата титоистичка развратна и декадентна општествена елита. Тоа што денес се забележува во авангардно-шминкерските магазини за млади најдобро ја отсликува духовната беда на оние кои ни ги поттурнуваат ретроградните концепти. На насловната на еден таков магазин, по следниот редослед се наброени категориите: хедонизам (дроги), антиконзумеризам, анархизам, Чомски и сето тоа со спонзорски благослов на корпоративниот Ти-мобиле. Помеѓу рекламата за најновата луксузна чанта, крема и лосион, и помеѓу советите за естетска хирургија, ќе најдете упатство за судир со полицијата, носење гас-маска и безбол палка, full опрема, како и амфетаминска терапија за анархисти. Тука е и Ноам Чомски, омилениот интелектуалец на нашите левичарски позери, здодевниот лингвист кој во документарецот Manufactyring Consent: Noam Chomsky and the Media на прашањето „Добро, што не отидеш да живееш во Кина, ако комунизмот ти е толку мил? „ тој одговара „Во САД најдобро се живее, несомнено е најдемократска земја во светот“.

Но, малку ќе најдете во „слободниот“ печат во Македонија за податокот дека Чомски при крајот на 70-тите го посетил режимот на Црвените Кмери и Пол Пот. Чомски ќе го поддржи режимот на геноцидните власти кои според Amnesty International убиле 1.4 милион луѓе. Во своите книги тој не нуди нови идеи, туку претежно пишува анализа за американските воени интервенции, ги разоткрива големите американски медиуми во заговорничко-забавен стил. Чомски многу малку се осврнува на внатрешната американска политика, не е ниту анархист. Анархистите го презираат затоа што не се залага за укинување на државата, туку напротив, тврди дека државата единствено може да ги заштити работниците и сл.

Може да заклучиме дека се наоѓаме во сивата зона, каде што повеќето медиуми кај нас идеолошки ги профилираат своите вести, информации, па дури и модни и забавни прилози. Тоа го потврдува значењето на една од главните агенди на Владата за зголемување/ширење на интернет-пристапот, разбивање на телекомуникациските монополи, се' со цел да се излезе од кругот на информатичката зачмаеност, образовната некомпатибилност, информативното слепило и едноумие со кои и во 21 век се обидуваа да владеат старите тоталитарци. Од 19 проценти корисници на интернет во 2006, денес имаме 44 проценти или 125 проценти зголемување според Internet world stat.

На нашето македонско небо, лета еден црвен змеј, но тоа е хартиен змеј!

Објавено во “Дневник“ 06.02.2009

Labels:

Понудата на Барабас

„Драги господа, кога ќе стане густо, некои бегаат, други остануваат. Ете го Чарли изложен на оган, еве и Џорџ кој се крие во џебот на тате. И што правите вие? Го наградувате Џорџ, а ќе го уништите Чарли“ - полковник Слејд во „Мирисот на жената“.

Млад колумнист, во серија колумни како своевидна политичка настава ги произнесува своите револуционерни концепти за побуна кај младите. Да, побуна, што да не, но каква и во која насока? На едно место се заклучува дека студентите се резигнирани и опортунистички настроени. Тогаш што ни се нуди како рецепт за подигање на духот? Хрватскиот фејсбук-модел? Како провинцијалци се' уште следиме трендови од Загреб и Белград. Не ги разгледуваме светските текови од центрите каде се создаваат нови идеи, како Њујорк или Париз. Таму постојат други текови: новите дефиниции за слободата, индивидуализмот, про-лајф каузата, возобновата на семејните вредности, верскиот морал итн. Доволно е да ја погледнеме една од најрелевантните топ-листи на најпопуларни книги на NewYorkTimes Book Review во која на прво место е Libertas and Tyranny: A Conservative Manifesto на Марк Р. Левин.

Изгубени во времето и просторот, носталгично се навраќаме на студентските протести од 1968 како пожелен модел. Француските хипици мавтаа со три М (Маркс, Маркузе, Мао) и се смета дека го отворија патот за „сексуалната слобода“ чии последици на Запад се покажаа разорни и скоро катастрофални за луѓето, основната причина за бунтот беше далеку попрагматична. Студентите беа уплашени од обезвреднувањето на дипломите или нивно нивелирање со занаетчиите. Најголем дел од студентските водачи подоцна се откажаа од марксизмот и ги формираа Зелените еколошки партии чија програма се базираше главно на заштита на здравата околина, што им овозможи да се етаблираат во политичкиот мејнстрим и во евро-парламентот. Најтипичен пример е Јошка Фишер. Некои од потрчковците на Сартр, како филозофот Бернар Анри-Леви, уште во 70-тите се пресмета со сопствениот марксизам во книгата Barbarism with a Human Face, а потоа ги поддржа воените интервенции во Ирак и Авганистан.

Каква е ситуацијата во Македонија? Родителите најчесто се жртвуваат себеси од пристоен живот за нивното дете да заврши факултет и излезе со поголеми перспективи на пазарот на трудот. Некои ги продаваат своите имоти, подигаат хипотеки. Иако делува медиокритетно, тоа е искрено, родителот очекува од своето дете да стане угледен човек, а не револуционер, екстремист, кој крши излози и превртува запалени контејнери.

Студентите не треба да се дигаат на протести затоа што тоа претставува некаков генерациски долг, иницијација, боемски ритуал, оти тоа е еден вештачки и цикличен мит, а декларираните леви прогресивци се грозат од митови. Повиците на студентски бунт со излитени концепти се неодговорни. Подобро да напишат отворено (добога, 20 години живееме во плурализам) „сакаме студентите да ги видаме на нозе против ВМРО“. Хрватските фејсбук-револуционери, на кои се повикуваме, отворено бараат оставка од Санадер. Внимателно го разгледав нивниот проглас. На страницата bandolopovska.com наидов на сите нивни 13 барања. Под број три, се бара закон за незастарување на казнените дела направени во време на процесот на приватизација и под број 4. се бара основање фонд за враќање на ограбениот имот.

Повеќе од јасно е дека никој од левичарските буржуи, застапници на интересите на олигархискиот капитал нема никогаш да се осмелат да повикаат на ревизија за приватизацијата бидејќи тоа е првобитен грев токму на нивните политички татковци кои никако не сакаат фројдистички да ги убијат. Единственото барање што досега се изнесува, барањето за укинување на партиципацијата со цел повеќе млади луѓе да добијат прилика за високо образование е лицемерно од политичката страна која во своите медиуми се потсмева со проектот за дисперзираните студии со „факултет во секоја паланка“, „секое село факултет“, иако се покажа успешен и донесе резултати на досега најмасовно студирање. Лично сум учествувал во скоро сите студентски побуни во оваа деценија. Сликата е иста: доаѓање на 5 минути на инфилтрираните водачи на студентскиот бунт и давање изјава за тајкунската телевизија.

Во случајот на мартовските анти-црквени протести со месеци се работеше на пропагирање на интернет (фејсбук и мајспејс), за потоа кога зажежи да излезе тате во костум и да каже дека Џорџ не само што не бил на протест, туку бил на патување надвор од Скопје. Некој е Чарли, некој е Џорџ, погодете кој, животот некогаш е суров како на филм.Се обидувам да пронајдам сосема поинаква визија за студентите како работливи, креативни, луѓе-водачи, не студентско стадо. Наместо лажни социјални револуции да се научат младите на успехот и придобивките од него, да се слави успехот како остварлива можност и иднина, да не се играат хазардерски политички игри за децата на политичарите и нивните експерименти. Желба ми е младите студенти да поминат барем 1/4тина од трасата која ја минуваат низ Европа и светот привилегираните евро-снобови од AEGEE, AIESEC, МОФ и др.

Поинаков концепт за побуна! Побуна која силно ќе ја притиска Владата да продолжи со обнова и градење на студентски домови, да не се застанува; побуна за преведување на повеќе учебници и книги; побуна за доделување на повеќе стипендии; побуна за повеќе гостувања на научници од странство, но и за самоиницијативност во организацијата на дебата. Понуда за бунт да, но не од Barabbas!Се соживувам со улогата на виетнамскиот воен херој, кој маестрално го одигра Ал Пачино, против сведувањето на безлична толпа, поигрување со чувствата, со стравот, губењето на студентски права, легла, лошите концепти на побуна, агонијата на статус-кво.

„Кога доаѓав наваму ги слушнав зборовите - колевка на водачи. Па, кога гранката ќе пукне, колепката ќе падне, а таа туку што падна овде. Падна!!! Создавачи на личности! Творци на водачи. Пазете какви водачи создавате овде. Не знам дали молчењето на Чарли денес овде е праведно или не. Не сум ни судија ни порота. Тој нема никој да го продаде...за да си ја купи сопствената иднина! Е, тоа пријатели мои се вика честитост. Тоа се вика храброст. И од тоа се прават водачи. Во животот наидов на многу крстопати. Секогаш знаев која патека е онаа вистинската. Без исклучоци, знаев, но никогаш не тргнав по неа. Знаете ли зошто? Зошто сето тоа беше проклето тешко. А, еве го сега Чарли наиден на крстопат и одбра патека. Тоа е праведна патека. Тоа е патека заснована на принцип која води до карактер. Затоа допуштете му да продолжи по својот пат. Ја држите иднината на овој млад човек во свои раце, комисијо! Тоа е вредна иднина! Верувајте ми. Немојте да ја уништите, напротив, заштитете ја. Ве молам, гушнете ја и загребете ја... и ви ветувам ќе бидете горди на тоа еден ден!“

Labels:

Фотографии од пеколот

Олдос Хаксли на едно место пишува: Земјата можеби претставува пекол за друга планета. И Македонија можеби е пекол за друга земја. Не се одразува ли една пародоксалност кога Македонците што одат надвор, не се сите гении како што владее еден мит, но сигурно се добро снајдени во т.н. Рај на западните демократии.
А, ние овде никако да си дефинираме барем контури од Едемска градина. Одбивам опортуно со лев популизам раскажувајќи за социјалните услови да се обидам да се додворам за добивање евтини поени кај читателската публика. Одамна веќе не можам да ги поднесам лицемерните телевизиски животни стории кои станаа жанр на два пакета масло и една вреќа брашно, како искупување од гревовите.
William-Adolphe Bouguereau
Милосрдие за најзагрозените, но што е со духот на здравите на способните. Ме интересираат душите на луѓето и каде се тие длабоко закопани.

Злото најпрвин доби повик од реата што ја предизвикаа с помногубројните кафеани. Сe почесто размислувам дека градежната конструкција кај ГТЦ е како карантин за животниот стил - безделничење на кејот.
Овде кафеаната не претставува префинет салон на високите класи, ниту бистро на прогресивната интелигенција, не е ниту во краен случај некаква боемштина, тоа е празен разврат, кој во корен ја негира блејковската дека тоа е пат кон мудроста.
Тоа единствено води кон регресија на духот и агресија првин на мислата, а потоа на телото.

Водители-поп-пејачи-кафеанџии, оргијастичниот круг се затвора. Израснаа армии млади луѓе на кои наизменично им се меша бессоницата со бессознанието. Мрзливи, злокобни, со вечно намрштени погледи. Американскиот жаргон ги нарекува bullies, просто преведено како малтретирачи, кои групно се збираат и истураат удари врз нечија глава. Фотографија: Дваесетгодишници на кои 4 попладне им е време за појадок и триесетгодишници што живеат со својата мама, прејадени со подгорени колачиња слушаат реге. Фотографија: Неодамна сосема случајно чув една сосема едноставна, но вистинита мисла, мисла од еден човек на улица каква што не можам да најдам во морето колумнисти.
Денес единствено е исплатливо да се отворат аптека и обложувалница.

Фотографија: За време на Нова година во едно централно гратче наидов на 7-8 обложувачници само долж главната улица. Во Скопје гледам дека има обложувачници, два-на-два каде што може да отидете, да го уплатите вашиот дневен чек поинт. Фотографија: Интернетот, местата со содржини на македонски јазик не претставуваат остварување на просветителска утопија, ниту реформација, туку виртуелно сафари. Како со сачмарка, чизми и најмодерен џип отелотворен во моќна интернет конекција се користи за пукање со омраза кон малкуте креативни потенцијали кои цртаат, пишуваат или прават музика на мрежи како my space. Тоа е крик на скоро неповратно душевно осакатени луѓе, кои молат за спас.
Ни најновите технолошки достигнувања и алатки не може да ги нашминкаат многу морално грди лица.

Фотографија: Гледам и не можам да поверувам, естрадните лоши трешери својот неталент и недостиг од вкус го пакуваат како кршење на табуа. Какви табуа кршите, бедници? За жал, немаме ни еден гротескен Мерлин Менсон морбидно да ги визуализира и артикулира лудилото и изопаченоста на средните слоеви. Во светот постојат луѓе што се сметаат за уметници и кои имаат намера слики од непроценливо значење да ги скршат или чкртнат како своевиден перформанс, атак врз застарените вредности.
Но, никогаш не чув да се појави нешто слично на некој од нашите фестивали, пресови, едноставно да се појави некој со чекан.
Еве им супер идеја, на разгалените алтернативци кои со прстињата невротично тропкаат по арт-кулоарите колнејќи се дека сакаат да ги променат нештата на подобро.
Најфрапантно е што многу брзо, во идно време, во недостаток од посериозни уметнички стандарди, неквалитетот ќе се етаблира во вредност и ќе стане достоен за римејк, неквалитетен римејк на неквалитет.

Фотографија: Она што би требало да претставува задоволување на вкусот на потребата од перверзност на група гледачи, мене ми се емитува веднаш по ручек, во ударен термин, озборувачки емисии од типот на „Бекстејџ“ и „Ексклузив“ чист одраз на духовна озонска дупка.
Не можам и не сакам повеќе да гледам како бездарници во емисии се изживуваат врз Спанаќот или Коста Бургов. Медиумот како единствено можна промоција е сфатен како можност за колективно исмевање, ритуал својствен за жестоките малограѓански силеџии, денес тој модел е пренесен во мејнстримот.

Фотографија: Пијани луѓе што во една продавничка здружно и насилно тегнат синџирче да дојдат до шише алкохол.
Истиот ден, во истата продавничка еден постар човек ја нуди својата јакна за кутија цигари.
Со години, една иста, та иста, алчна тетка со дуќанче покрај градскиот парк во Битола, како отровните парфеми на Жан Баптис Гренуј, ја труе половина битолска младина, скришно подавајќи им во завиткана хартија вински оцет. Не може некој да ме убеди дека тоа не го знаат сите особено одговорните кои просто замижуваат. Шанк, пожолтено лице на млад човек, со двете раце ја стиска чашата со шприцер и низ заби го изговара нихилизмот, производ на моралот на нашата заедница: Тој што пие ќе умре. Тој што не пие, уште побрзо.

Нашиот пекол е безмилосен подеднакво спрема сите нас. Богатите за рок од неколку години ќе се изгорат со виски, сиромашните со евтино вино, најсиромашните со лепило и бронза. Доколку денес се поставува „На дното“ на Горки, дури и оние кои ќе бидат повикани како статисти од театарот ќе ја играат сопствената автобиографска улога.

Фотографија: Луѓе, во 5 изутрина го чекаат својот автобус за работа, други се враќаат од „бурниот“ ноќен живот. Првите одбиваат да ги соочат погледите чие журкаџиство со ангарија го наплаќаат вторите.
Станав доволно возрасен за луѓето кои своето систематско дрогирање го нарекуваа младешко експериментирање и рекреативно дрогирање да ги видам како се влечкаат во редот за метадон во Кисела Вода.
Не се залажувајте господа, не можат со ништо да бидат идоли диџеи и радиоводители со штрбав дилерски шарм кои редовно плаќаат членарина на асфалтните момци од Гази Баба.
Од релативно спокојна и тивка социјалистичка провинција во југословенската мала империја, за две децении без посебни дебати, полемики и препирања околу тоа, станавме порочна земја со хорорно секојдневие.

Фотографија на клинци кои ја докусуруваат со гранки мачка која до пред неколку мига ја згазил автомобил на булеварот Партизанска.
Полека ја напуштаме традицијата на грижа кон постарите луѓе.
Отфрлени се враќаат во своите родни куќи и поради заборавеност од страна на нивните ќерки и синови со часови седат вкочането во фотелјите со прст на орозот од пушката.

Со што би можеле да се спротивставиме на овие потресувачки фотографии? Секој најверојатно има свое решение.
Јас сметам дека верата е едно од нив! Верата не мора да го исклучува знаењето како што засилено гракаат разноразни неграмотни мислители.Тоа го докажуваат и нашите први просветители кои всушност беа вероучители: Јоаким Крчовски, Партение Зографскии други.
Ќе завршам со еден цитат од „Огледало“ (1816) на Кирил Пејчиновиќ: „А дила учение книга да се почне без молитва, што сиот закон наш и вера наша све на писание висит! Дан е е писми, све би се заборавило и Бог дали има, или нема не би се знаело. И ѓаол тогај би царувал, ка што царуеше во време на идолопоклонство!“

Labels:

Чувари на бледиот оган

Кога некој се одлучува да пишува за феноменот на неокомунизмот и сите негови реинкарнации, стравотно го следи сенка на обвинувања за пројавување фашистички тенденции. Во поинакви услови, тоа лагодно би го прескокнал, но бидејќи условите се такви какви што се, стриктно и јасно овде би ги изложил своите антифашистички стремежи покрај останатите идеолошки убедувања.Денес кога се говори за старо-новите следбеници на Карлс Маркс и Ленин, не се алудира на друштвото на весели пензионери и на последните титови сили. Не само на новите медиуми доминираат блогови со комунистичка тематика, туку аналогно на истите се формирани здруженија како Ленка, Прогресивен Синдикат, Здруженска и др. Тие конгрегации на млади луѓе ја користат истата соцреалистичка поетика, но и програма. Радикалните атеисти кои протестираа против изградбата на црква на плоштадот во духот на ленинистичкиот милитаризам себеси се нарекоа Архибригада. При една општа анализа на нивните платформи и активности лесно се доаѓа до заклучок дека овие опасни појави не ги краси јасна идеолошка позиционираност, свежи идеи, модерни тенденции, ниту пак би наишле на ново препрочитување на Марксовата мисла која, рака на срце, секако поседува одредени вредности во поглед на филозофските и економските прашања.

Како што е тоа чест случај и меѓу македонските комунистички „мислители“ и „герилци“ постои големо ривалство, скоро рано-религиозно по својата природа, за тоа кој е правиот толкувач на идеите на лажниот пророк Карл Маркс. Па, така еден од нив, по професија новинар, е фанатичен обожавател на Сталин; друг, инаку асистент на приватен универзитет, е заколнат приврзаник на идејата за демократски социјализам (според сите досегашни искуства тоа претставува оксиморон); трет пак, најверен и најортодоксен марксист, ги негира сите други „колеги“ и сите досегашни речиси 80-ина обиди за воспоставување на комунистичко општество ги смета за промашени. Се разбира, единствено тој и неговите другари знаат како би требало да се изведе комунистичката револуција или реформација. Ваквото јавно, па дури и агресивно прокламирање на застарените, ретроградни и комунистички идеи најверојатно е причината за скорашната забрана за носење комунистички симболи кое во Полска е окарактеризирано како тоталитарна пропаганда еднаква на фашизмот.

Се разбира, и богатите имаат право да се залагаат за поголеми работнички права, за благородни цели, за поправеден свет воопшто. Фактот што тие се богати не им го одзема сосема легитимното право да покренуваат социјални, еколошки, филантропски и хуманитарни акции. Морално гледано тоа, а не латиноамериканскиот популизам ала Чавес и Кастро, е единствениот начин како може да им одржат лекција на своите татковци, инаку блазирани, безидеологизирани цинични социјалдемократи. Никој не би ги покажал со прст како хипокрити и лицемери како што јас тоа сега го правам, доколку покажат волја да волонтираат во некое загрозено подрачје во Африка, доколку се пријават како доброволци на некоја пожарникарска акција или пак се пријават на тримесечниот воен курс кој го нуди нашата храбра армија. Се досега, македонското општество и менталитет се однесуваа небаре се остварил марксистичкиот сон за бескласно општество - немаме богаташки млади луѓе и кога истите тие политички ќе се активираат и ќе го злоупотребуваат гласот на работниците едноставно ќе се правиме наудрени.

Не е ништо поинаку во супкултурното милје на македонската урбана музика, поконкретно во правецот хип-хоп. Синот на т.н. крал на билбордите, може да го видиме во спот со војнички панталони како од своето порше пее колку е тешко да си сиромашен; или пак синот на марксистички универзитетски професор го гледаме во исто така брза спортска лимузина како ги рапува интелигентните стихови од типот мојот ортак ја крши нечија вилицата/и така го запознав јазикот на улицата додека во позадина како комунистичка идеолошка доследност оди хорот со рефрен Градот убав пак ќе никне. Сето ова не е ништо ново, децата на привилегираната комунистичка номенклатура стануваа црнобрановски режисери за да снимаат за маките на работничката класа, нешто што никогаш не биле и чија горчина на секојдневјето и тежина на животот никогаш одблизу не ја почувствувале.

Време е сите овие млади неокомунисти, кои добиваат стипендии дали на државниот дали на приватните универзитети и уживаат разно-разни други привилегии да престанат да говорат во името на некакви работници, со кои тие, живеејќи во своите удобни изолирани светови, ретко кога имале подиректен контакт. Затоа кога извикуваат пароли на скопскиот плоштад или кога пеат песни, тоа не е натопениот глас со горчина, тага и болка на малкуте вистински преостанати работници од македонската текстилна и металургиска индустрија. Тие се претставници на богата и привилегирана класа и подобро и поискрено е да пеат за своите проблеми.Денес е втори мај, ден кога левичарско-буржујските медиуми ќе ги прекоруваат уморните работници дека на ливада распослале скара. Тој гест отсекогаш сум го сметал за мошне дегутантен. Наместо тоа да биде еден од ретките денови кога може да уживаат јадејќи скара и пиво, треба да го билдаат рејтингот на лажните синдикални водачи кои редовно нивната поддршка како капитал подоцна ја употребуваат за нагодување со власта. Да, треба да протестираат, да ги бараат своите права, така мали и обесправени, без било каква можност да го подобрат својот статус, тие бели мечки (С. Јакимовски), за да го одржат пламенот на една лага за солидарност во општеството која овде една узурпирачка комунистичка класа сака да ја наметне со децении.


Labels: