среда, октомври 21, 2009

Последниот Ѕвончар

Живеев и израснав на улицата на Ѕвончарите во Битола. Со жар во очите ги набљудував овие вешти мајстори како работеа со огнот на својата умешност. Кристално јасно се сеќавам на ѕвонците, прапорците, клопотарците. Постоеја два вида клопотарци - јаниски и солунски и клекачки за маски и за коњ. Во големиот пожар изгореа сите дуќани со старите подрѓосани ќепенци кои некогаш неодоливо чкрипеа. Остана само еден ѕвончар. И покрај тоа што улицата беше во најстрогиот центар на градот во близина на градската општина, таа улица не беше асфалтирана. Таков бескруполозен однос имаа бирократите од социјализмот спрема класните непријатели - занаетчиите. Во 1991 година наполнив шест години, најпосле улицата беше асфалтирана. Веднаш се почувствува свежина, нов живот, гумите на нашите велосипеди „пони“ го мазнеа врелиот асфалт. Останаа старите згради, но некогашните дуќанчиња сега беа бакалници, трговски фирми како и една продавница за чоколада и бонбони, и во темните 90-ти улицата беше преименувана во Гробарска поради неколкуте погребални претпријатија, бизнисот на тоа време.

Конечно последниве години почнува реставрација и конзервација на објектите од културно значење како и заложби за помагање на преостанатите занаетчии со поддршка од меѓународни фондации. Во блиска иднина по влегувањето во ЕУ и НАТО, наездата на капитал и трката по бездушен профит што се очекува да следува, неопходна ќе биде многу храбра граѓанска иницијатива за заштита на културното наследство и за зачувување на душата на градовите. Кога се обидуваме нешто да зачуваме или обновиме во нашата држава тогаш избиваат големи расправии и негодувања за различни приоритети. Предолго се симулираат лажни спротивставености кон есенцијата на македонската историја и култура. Во крволочен лов на политички поени се повикува на идеолошка пресметка на спротивните опции кога се настојува да се форсира историскиот период на чие политичко наследство се легитимира и се повикува, кога се прави обид да се направи неопходен континуитет помеѓу Илинден и НОБ, антиката и словенството.

Несомнено е дека на хоризонт се појавуваат нови генерации млади Македонци на кои не може да им се каже од кој век може да се истражува, каде смеат, а каде не да го утврдуваат своето потекло. Стариот естаблишмент се' уште се обидува да заплашува со предупредувања од загрижената белокоса интелигенцијата. Од својата ретроградност и социјалистичка зачмаеност, полни со стари предрасуди не се лишени ни многу помлади кои ги преповторуваат постмодернистичките максими за инклузивност и толеранција на другиот, но никогаш не поддржуваат рехабилитација на револуционери и дводомни автори. Тоа ме потсетува на драмата „Диво месо“ (1978), лектира за сите генерации, една од најдобрите драми пред 90-тите и барутните театралности полни со претенциозност, квазиурбаност и бладачка авангарда, која по рушењето на Југославија гледаше само апокалични визии. „Диво месо“ е нешто сосема поинакво, универзално битно, каква што мора да биде уметноста, но сепак не го одбегнува битот на поднебјето и одликите на менталитетот.

Денес на јавната сцена владеат слични ликови со филистерски дух со кои би сакал да повлечам неколку паралели. Лик на невиниот Стефан, надежниот бирократ во странска фирма кој не разликува буке, не си го знае родословот, но затоа постојано зборува за Европа, колку е тој уважен, колку е тој прозападно настроен и како поради тоа никој овде не го разбира. Ликот на револуционер-бакалџија задоен со словенски мазохизам, Андреја, и неговите современи карикатури престорени во денешните револуционери-рекетари водени од анимален нагон за ресурсите на државниот буџет и привилегии кои насекаде гледаат фашизам и антиатеистички заговори. И третиот лик, братот Симон, келнерот, кој отсликува голем дел од денешната конформистичка младина на која најголема болка всушност и' претставува отсуството на болка. Стариот ѕидар, паднал од скеле, ги изгубил нозете за да ја направи куќата за своите синови, а тие не само што не го почитуваат и не се подготвени да го доградат својот дом, туку се обидуваат своето наследство да го трампаат за брза европеизација.

Тие не го доведуваат во прашање беспрекорниот патријархален авторитет, како што би рекле денес адвокатите на политичката коректност, туку го негираат и ништат како личност херојот, својот татко.Драмата е комплексна и не трпи прости толкувања, но е една од ретките со порака, која отворено говори за газење на традицијата, која не е апстрактен збир на вредности, туку на конкретни принципи на макотрпниот труд, пожртвуваноста и посветеноста скоро до фанатичност.

Денес ја имаме тешко издвојуваната национална слобода и стоиме пред прагот на европскиот двор, камбаните бијат за нас, не' чекаат битки од поинаков вид. Борба за градење, негување на нашата традиција во согласност со модерното време, докомплетирање на конститутивните делови од историјата, растоварени од каков било идеолошки баласт, и можеби најважното, формирање граѓанска и слободна култура, поставување на исклучителните вештини и доблести на пиадесталот, триумфот на последниот ѕвончар.

Објавено во „Дневник“ 29.06.2009 г.

ul na zvoncarite.JPG
Улица на Ѕвончарите

Labels:

0 пати коментирано досега:

Post a Comment

линкови до овој пост

Create a Link

<< Насловна