среда, октомври 21, 2009

Татко на човекот

„Животот е можност - искуси ја. Животот е убавина - воодушевувај и се. Животот е сон - направи го јаве. Животот е предизвик - соочи се со него. Животот е задача - извршувај ја. Животот е игра - играј се. Животот е драгоцен - негувај го. Животот е богатство - чувај го. Животот е љубов - уживај во неа. Животот е тајна - проникни ја. Животот е ветување - исполни го. Животот е тага - надмина ја. Животот е химна - пеј ја. Животот е борба - прифати ја. Животот е трагедија - соочи се со неа. Животот е авантура - осмели се. Животот е среќа - заслужи ја. Животот е живот - брани го!“ - Мајка Тереза.

Mucha_D.jpg

A. Mucha

Ќе ви кажат дека тоа единствено ние го правиме како држава, дека не го прави никој друг, можеби уште некои заостанати, но тие лажат. Не станува збор за забрана на абортусот, туку стимулирање на донесување на најприродната одлука во животот без страв.

Со сите сили го браниме стариот поредок, на беззаконие и неможност за носење на било какви важни одлуки за самите нас. Прашање на живот и смрт на една нација. Секој окупатор кој ставил нога овде, се грижел да бидеме доволно на број, да има доволно робови да му служат. Денес кога некогашните робови, имаат своја држава неопходно е да изготват стратегија за популациска политика.

Денес сме ставени во позиција да чувствуваме срам и страв да го штитиме животот, да ги храбриме младите да не се плашат од обврските кон мајчинството и татковството, за да не бидеме погрешно сфатени и прогласени за бесчувствителни кон правото на секого да одлучува за своето тело. Јас велам доста со таа стигма, доста се чувствуваме како криминалци ако во жената гледаме успешна мајка и кога таа не е подготвена за тоа. Јас велам да им се помогне на младите родители да се школуваат полесно, да домуваат, и да остварат кариера за која се достојни.

Проблем со наталитетот има модерна Европа кон која се стремиме. Германскиот научник Штефан Кренерт во една пригода ќе изјави дека: Денес важи колку повеќе жени се вработени во една земја, толку е поголем бројот на новородени деца. Земјите што успеваат да ги спојат кариерата и родителството, и тоа за двајцата родители, имаат најголем наталитет. Тука, пред се, спаѓаат скандинавските земји и Франција. Тоа го потврдува и истражувањето на Еуростат од 2007 г. дека во 2005 г. Франција е водечка земја со 1.92 отсто. Друг пример е Ирска, која после серија владини мерки со поддршка на католичката црква за 4 години успеа значително да ја зголеми популацијата. Тие, според даблинскиот економист Еуанан Кинг, ќе придонесат за економска ренесанса. Многумина ќе противречат дека за зголемен наталитет единствено е важен стандардот. Од истите резултати Словенија, иако економски најразвиена од некогашните земји од исток, има најнизок наталитет. Во соседна Бугарија, независно од тоа што во Владата седат реформирани комунисти се донесоа мерки што во 2006 г. донесоа пораст, бугарите дури отидоа понатаму, залагајќи се за воведување на пензии за бабите и дедовците кои чуваат внуци. Во САД веќе години наназад постои активно про-живот движење кое тврди дека животот е биолошки факт и дека најпрвин почнува како КОНЦЕПТ и дека тоа не е религиозно или филозофско верување, туку научен факт.

За мене лично подеднакво е важно жените кои раѓаат да добијат повеќе бенефиции но пред се, да бидат заштитени од уцените на нивните шефови или претприемачи кои на младите девојки им напоменуваат дека не очекуваат од нив да забременат. Покрај жените, породилно отсуство е неопходно да добијат и мажите бидејќи во грижата на детето подеднакво учествуваат двајца родители.

Во 2007 година, во Берлин и Кан филмот насловен: ‘4 Месеци 3 Недели 2 Дена’, на младиот романски режисер Кристијан Мунгуи беше убедливо прогласен за најдобар европски филм. Дејството во филмот е сместено во 80тите, при крајот од владеењето на Чаушеску. Општо познато е дека тој донел декрет за раѓање на пет деца и го забранил абортусот. Во филмот, во документаристички стил, се прикажани маките на две студентки, другарка и бремена девојка, кои се обидуваат да абортираат илегално.

Приказната навидум изгледа класично либерална но е болно реалистична особено во однос на нашите услови во кои исклучително интелектуално напредни жени се соочуваат со типични постсоцијалистички услови, но иако се чини е лишена од било какви нападни и експлицитни пораки, раскажана е со единствено можен начин да се дофатат таквите приказни - емоционално. Имено, абортусот треба да го изврши сомнителниот надри-лекар иронично наречен мистер Бебе. Двете девојки доживуваат разни непријатности и понижувања, голема морална деградација и загуба на дел од себе, дел во најсуштинската смисла на идентитетот. Како секој убиец, девојките чувствуваат дека убиле и дел од себе.

Создавањето на животот е фасцинантно. Секој треба да биде слободен да го почувствува. Како маж секогаш сум чувствувал должност кон штитење на идејата дека детето е личност уште пред да се роди и дека некое од тие неродени деца ќе биде нашиот татко.

Како што пее Калил Џибран: Вашите деца не се ваши деца. Тие доаѓаат низ вас, но не и од вас. И покрај тоа што се со вас, не ви припаѓаат вам. Може да им дадете љубов, но не и своите мисли, оти тие имаат сопствени мисли.

Објавено во „Дневник“ 16.06.2009 г.

img_big.jpg

Labels:

0 пати коментирано досега:

Post a Comment

линкови до овој пост

Create a Link

<< Насловна