Понудата на Барабас


|
„Драги господа, кога ќе стане густо, некои бегаат, други остануваат. Ете го Чарли изложен на оган, еве и Џорџ кој се крие во џебот на тате. И што правите вие? Го наградувате Џорџ, а ќе го уништите Чарли“ - полковник Слејд во „Мирисот на жената“. Млад колумнист, во серија колумни како своевидна политичка настава ги произнесува своите револуционерни концепти за побуна кај младите. Да, побуна, што да не, но каква и во која насока? На едно место се заклучува дека студентите се резигнирани и опортунистички настроени. Тогаш што ни се нуди како рецепт за подигање на духот? Хрватскиот фејсбук-модел? Како провинцијалци се' уште следиме трендови од Загреб и Белград. Не ги разгледуваме светските текови од центрите каде се создаваат нови идеи, како Њујорк или Париз. Таму постојат други текови: новите дефиниции за слободата, индивидуализмот, про-лајф каузата, возобновата на семејните вредности, верскиот морал итн. Доволно е да ја погледнеме една од најрелевантните топ-листи на најпопуларни книги на NewYorkTimes Book Review во која на прво место е Libertas and Tyranny: A Conservative Manifesto на Марк Р. Левин. Повеќе од јасно е дека никој од левичарските буржуи, застапници на интересите на олигархискиот капитал нема никогаш да се осмелат да повикаат на ревизија за приватизацијата бидејќи тоа е првобитен грев токму на нивните политички татковци кои никако не сакаат фројдистички да ги убијат. Единственото барање што досега се изнесува, барањето за укинување на партиципацијата со цел повеќе млади луѓе да добијат прилика за високо образование е лицемерно од политичката страна која во своите медиуми се потсмева со проектот за дисперзираните студии со „факултет во секоја паланка“, „секое село факултет“, иако се покажа успешен и донесе резултати на досега најмасовно студирање. Лично сум учествувал во скоро сите студентски побуни во оваа деценија. Сликата е иста: доаѓање на 5 минути на инфилтрираните водачи на студентскиот бунт и давање изјава за тајкунската телевизија. Во случајот на мартовските анти-црквени протести со месеци се работеше на пропагирање на интернет (фејсбук и мајспејс), за потоа кога зажежи да излезе тате во костум и да каже дека Џорџ не само што не бил на протест, туку бил на патување надвор од Скопје. Некој е Чарли, некој е Џорџ, погодете кој, животот некогаш е суров како на филм.Се обидувам да пронајдам сосема поинаква визија за студентите како работливи, креативни, луѓе-водачи, не студентско стадо. Наместо лажни социјални револуции да се научат младите на успехот и придобивките од него, да се слави успехот како остварлива можност и иднина, да не се играат хазардерски политички игри за децата на политичарите и нивните експерименти. Желба ми е младите студенти да поминат барем 1/4тина од трасата која ја минуваат низ Европа и светот привилегираните евро-снобови од AEGEE, AIESEC, МОФ и др. Поинаков концепт за побуна! Побуна која силно ќе ја притиска Владата да продолжи со обнова и градење на студентски домови, да не се застанува; побуна за преведување на повеќе учебници и книги; побуна за доделување на повеќе стипендии; побуна за повеќе гостувања на научници од странство, но и за самоиницијативност во организацијата на дебата. Понуда за бунт да, но не од Barabbas!Се соживувам со улогата на виетнамскиот воен херој, кој маестрално го одигра Ал Пачино, против сведувањето на безлична толпа, поигрување со чувствата, со стравот, губењето на студентски права, легла, лошите концепти на побуна, агонијата на статус-кво. „Кога доаѓав наваму ги слушнав зборовите - колевка на водачи. Па, кога гранката ќе пукне, колепката ќе падне, а таа туку што падна овде. Падна!!! Создавачи на личности! Творци на водачи. Пазете какви водачи создавате овде. Не знам дали молчењето на Чарли денес овде е праведно или не. Не сум ни судија ни порота. Тој нема никој да го продаде...за да си ја купи сопствената иднина! Е, тоа пријатели мои се вика честитост. Тоа се вика храброст. И од тоа се прават водачи. Во животот наидов на многу крстопати. Секогаш знаев која патека е онаа вистинската. Без исклучоци, знаев, но никогаш не тргнав по неа. Знаете ли зошто? Зошто сето тоа беше проклето тешко. А, еве го сега Чарли наиден на крстопат и одбра патека. Тоа е праведна патека. Тоа е патека заснована на принцип која води до карактер. Затоа допуштете му да продолжи по својот пат. Ја држите иднината на овој млад човек во свои раце, комисијо! Тоа е вредна иднина! Верувајте ми. Немојте да ја уништите, напротив, заштитете ја. Ве молам, гушнете ја и загребете ја... и ви ветувам ќе бидете горди на тоа еден ден!“ |
Labels: колумна










0 пати коментирано досега:
Post a Comment
линкови до овој пост
Create a Link
<< Насловна