Плодови на земјата

Во „The Conservative Mind: From Burke to Santayana“ (1953) авторот Расел Кирк вели дека есенцијата на конзервативизмот лежи во шест канони: (1) - божествена интенција и лична совест го владеат општеството; (2) традиционалниот живот е полн со разновидност и таинственост, додека повеќето радикални системи се окаректеризирани со стеснување на конвенционалноста; (3) цивилизираното општество бара ред и хиерархија; (4) сопственоста и слободата се неделиво поврзани; (5) човекот мора да ја контролира својата волја и своите апетити, знаејќи притоа дека е воден повеќе од емоција, отколку од разум; и (6) општеството мора да се менува полека.
Четврта година средно. Таа последна година изминуваше во летаргична атмосфера на уморни маратонци, во постојан копнеж за славните матурски денови. И кога не очекувавме дека гимназијата може да не'научи на уште нешто, однекаде се појави нов наставник по предметот историја, Панде Наумовски. Беше многу горд кога раскажуваше за своето потекло од потпелистерското село Брусник, театрално покажувајќи ни ги своите земјоделски дланки, огрубени од креирањето на својата нива на која одгледуваше јаболка. Огледувањето јаболка е моја професија, предавањето ми е повеќе како хоби - ни рече. Панде раскажуваше многу весели анегдоти и брзо стана омилен меѓу учениците. Неговата духовитост веројатно произлегуваше од она што британскиот писател Џ. К. Честертон во „Ortodoxy“ (1908) го нарекува етички систем од 4 принципи: воодушевување на можностите на животот; благодарност за самиот живот; радост во постојаноста; и посветување на воздржувањето.
Историјата не ја предаваше здодевно, туку низ приказни, зачинети со морални поуки придружени со понекое негово искуство од животот, беше роден раскажувач; умееше со тоновите, паузите, гестикулациите да ја долови епохата. Како што стои во одличната книга „Dynamics of World“, на Кристофер Досон (2002) - Есенцијата на историјата не се наоѓа во фактите туку во традицијата.
Мојот наставник умееше високо да ги мотивира учениците со најслаби оценки. Тоа беа ученици на кои никој не им обрнуваше внимание, сите заборавиле дека и тие можат да научат, да бидат корисни за себе. Така, ни демонстрираше што значи тоа давање еднакви можности. Не криеше дека е марксист по струка, но со таа идеологија беше расчистил многу одамна, во манирот на харвардскиот советолог, Ричард Пајпс, кој напиша дека комунизмот не е добра идеја - лошо спроведена, комунизмот е лоша идеја. Во младоста му било дадена обврска да подготви марксистички проект и на него работел цела година. На некој свечен јубилеј, сите заслуги за сработеното си ги препишал некој полуписмен партиски функционер, и тоа било причина за неговиот раскин со марксизмот. Од ударите на животот, ние ги создаваме нашите принципи и верувања.
Така Панде му се вратил на Бог, и ни раскажа за него. Ни одржа лекцијата за местото на религијата во општеството. Ни напомена дека во Швајцарија, каде што тој престојувал извесно време, на првиот час учениците ги учат дека земјата е многу сиромашна и како треба напорно да работат доколку сакаат да преживеат, додека во нашиот образовен систем се проповедаше дека сме многу богати и развиени. Во Швајцарија, има разни цркви, велеше тој, па дури има и црква на сатаната, и секој е слободен да избира, но на првиот час се учи за Библијата.
Еднаш, во близина на неговата нива сосем случајно видел наша соученичка која со семејството собирала компири. Таа веднаш притрчала да го замоли да не дозволи тоа да се дознае меѓу соучениците. Тоа беше резултатот на испервертираните вредности на еден образовен систем, кој направи сите да се срамиме од земјоделската работа, од работата воопшто.
Доколку денес го анализирам мојот наставник, не би рекол дека беше конзервативец во права политичка смисла, туку беше она што Американците го нарекуваат старомоден либерал, прототип на модерниот конзервативец денес.
Ли Едвардс, во светот на егоизмот на модерниот човек, хистеричниот оптимизам и војната која се води против супстанциите, дефинирал дека меѓу основните принципи на конзервативизмот се: цврста верба во ограничена уставна влада; убедувањето дека слободата произведува просперитет; перспективи, и граѓанско општество; и верување во светите морални принципи.
И уште една лекција од добриот наставник, кој живееше од плодовите на земјата, која не можам да ја заборавам е за Џорџ Вашингтон, кому му се восхитуваше зашто по истекот на вториот политички мандат, кога му бил понуден и трет, тој го одбил велејќи дека е земјоделец и дека се враќа на својот ранч да ја работи својата земја. Тоа е можеби една од поважните лекции за Балканот каде што се негуваат култови на личности на политички водачи.
Се надевам дека денес мојот наставник е во добро здравје и дека ужива во своите пензионерски денови, неговите поуки ќе ги паметам до крајот на животот.
Објавено во „Дневник“ 23.06.2009 г.
Labels: колумна









0 пати коментирано досега:
Post a Comment
линкови до овој пост
Create a Link
<< Насловна