Пусто поле
Дење: врани и гаврани те затемнуваат
и од сите вишни длабочини те гракаат,
ноќе: од черепите гласот им се одзива.
...
Ноќе: една сенка со друга се венчава
пред мртвите без име и презиме.
...
ти ништо не браниш, јас нема што да бранам,
ти немаш никој, а јас сум без никого,
а кај што нема никој и никој нема ништо.
Петре М. Андреевски
Умирањето на нацијата може да се спореди со чувството на беспомошност на машиновозач кој е соочен со неможноста навреме да запре пред пресудата на самоубиецот на шините. Дали навреме да се напушти овој резерват, е големиот план!? Тоа е нашата погубна национална идеологија. Темата убивање на селото, со децении тајна, својот врв како многуте потиснати идеолошки табуа, го доживеа во 90-тите. Селото изумираше и тоа, како многу нешта во транзицијата стана парола која ја преповторуваат сите и со нејзино изговарање и рамнодушен заклучок се лишуваа себеси од каква било одговорност. Причините за распаѓањето на селото се лоцираа во недостигот на инфраструктура и услови за живеење, резултат на небрижноста на нашите црвени кмери, меѓутоа уште потажно е и што се запусти еден цел универзум и систем на верувања и вредности. Денес човекот не е загрозен само по селата и помалите места, белата чума за која пишуваше Петре, надвиснува над градовите. Запуштени дворови, фасади со избледени бои чии парченца се ронат, архитектонски зданија што се искривуваат, огради и настрешници што опасно се навалуваат, балкончиња што предизвикуваат одрон... нема кој да повика служба да ги одведе на отпад ‘рѓосаните каросерии од колите чии сопственици одамна се починати, во неподносливо морничава тишина лулашките на празните игралишта се нишаат на ветрот без гласовите на децата. Поштарот, кој ги носи пензиите како осамен гласник на надежта, е единствениот пред вратата на оние што не можат да ја отворат, нема деца на нивниот праг. Стануваме стари и немоќни луѓе кои својата мудрост и сведоштво никому не можат да му ги пренесат.Многумина млади парови кога можат да оформат семејство, одбираат да бидат лажно слободни со искривена претстава за независноста. Францускиот денди писател Фредерик Бегбеде ќе напише: „Самците смрдат! Самците смрдат, зошто немаат жена да им каже да се избањаат. Самецот често може да се препознае по неизбриченоста, по својот вински здив, на неговата смрдлива кошула недостасува горното копче, самецот многу повеќе предизвикува сожалување отколку завист (освен кај оженетите мажи, кои замислуваат дека самците се слободни, но тие всушност се очајни). Самиот Бог знае колку треба да се биде очаен недела навечер да се јаде *хаппѕ меал и да се зјапа во телевизорот...“
Мишел Уелбек, писател и негов пријател по стил, во една од своите книги раскажува за податокот дека во една божиќна ноќ во Франција масовно се самоубиле стотици стари лица од депресијата настаната од грубиот и суров однос на младите болничарки кон нив. И тоа богати старци, со големи кариери зад себе, кои не штедат пари за грижата кон нив, но кои очигледно не можат да си купат љубов, љубезност и наклонетост.
Во нашето општество, мас-медиумите уште одамна почнаа да го слават егоизмот и нарцизмот. Се' повеќе силиконски креатури и рурални мачомени, изјавуваат дека бракот е само непотребен потпис на хартија, дека тие се постојано заљубени, таков лош еуфемизам за промискуитетот и за раскалашеноста.
Кога подлабоко ќе размислам, од сите општествени ангажмани, демографскиот е најсуштествен. Намерно одбегнував да употребувам бројки и статистика, тоа се мерки за мртви нешта. Во зголемување на наталитетот не гледам мегаломански проект за билдање на нацијата. Борбата за поголем наталитет е борба за економски растеж, за работна сила, за свежа крв која ќе ги облагороди опустошените полиња во сите општествени сфери.
Во студиите за наталитет наидов на податок дека и традицијата може да преставува проблем. Денес, јужните католички земји, како Шпанија, Италија и православна Грција се соочени со најслаб наталитет и со голем морталитет. Стручњаците укажуваат дека тоа е поради двојниот товар на кој е подложена жената, и да раѓа, да го одржува семејството, и да работи без помош од мажите. Северозападните земји, како Франција, Германија, Британија подобро се справуваат со проблемот на наталитетот поради заемната поделба на обврските.
Затоа мојот поттик првенствено е упатен до мажите кои мора да покажат поголема цврстина, вистинска мажественост и силна одговорност, наспроти култот на безделничирењето и дробењето дневна политика во кафеаните.
Labels: колумна









0 пати коментирано досега:
Post a Comment
линкови до овој пост
Create a Link
<< Насловна