среда, октомври 21, 2009

Чувари на бледиот оган

Кога некој се одлучува да пишува за феноменот на неокомунизмот и сите негови реинкарнации, стравотно го следи сенка на обвинувања за пројавување фашистички тенденции. Во поинакви услови, тоа лагодно би го прескокнал, но бидејќи условите се такви какви што се, стриктно и јасно овде би ги изложил своите антифашистички стремежи покрај останатите идеолошки убедувања.Денес кога се говори за старо-новите следбеници на Карлс Маркс и Ленин, не се алудира на друштвото на весели пензионери и на последните титови сили. Не само на новите медиуми доминираат блогови со комунистичка тематика, туку аналогно на истите се формирани здруженија како Ленка, Прогресивен Синдикат, Здруженска и др. Тие конгрегации на млади луѓе ја користат истата соцреалистичка поетика, но и програма. Радикалните атеисти кои протестираа против изградбата на црква на плоштадот во духот на ленинистичкиот милитаризам себеси се нарекоа Архибригада. При една општа анализа на нивните платформи и активности лесно се доаѓа до заклучок дека овие опасни појави не ги краси јасна идеолошка позиционираност, свежи идеи, модерни тенденции, ниту пак би наишле на ново препрочитување на Марксовата мисла која, рака на срце, секако поседува одредени вредности во поглед на филозофските и економските прашања.

Како што е тоа чест случај и меѓу македонските комунистички „мислители“ и „герилци“ постои големо ривалство, скоро рано-религиозно по својата природа, за тоа кој е правиот толкувач на идеите на лажниот пророк Карл Маркс. Па, така еден од нив, по професија новинар, е фанатичен обожавател на Сталин; друг, инаку асистент на приватен универзитет, е заколнат приврзаник на идејата за демократски социјализам (според сите досегашни искуства тоа претставува оксиморон); трет пак, најверен и најортодоксен марксист, ги негира сите други „колеги“ и сите досегашни речиси 80-ина обиди за воспоставување на комунистичко општество ги смета за промашени. Се разбира, единствено тој и неговите другари знаат како би требало да се изведе комунистичката револуција или реформација. Ваквото јавно, па дури и агресивно прокламирање на застарените, ретроградни и комунистички идеи најверојатно е причината за скорашната забрана за носење комунистички симболи кое во Полска е окарактеризирано како тоталитарна пропаганда еднаква на фашизмот.

Се разбира, и богатите имаат право да се залагаат за поголеми работнички права, за благородни цели, за поправеден свет воопшто. Фактот што тие се богати не им го одзема сосема легитимното право да покренуваат социјални, еколошки, филантропски и хуманитарни акции. Морално гледано тоа, а не латиноамериканскиот популизам ала Чавес и Кастро, е единствениот начин како може да им одржат лекција на своите татковци, инаку блазирани, безидеологизирани цинични социјалдемократи. Никој не би ги покажал со прст како хипокрити и лицемери како што јас тоа сега го правам, доколку покажат волја да волонтираат во некое загрозено подрачје во Африка, доколку се пријават како доброволци на некоја пожарникарска акција или пак се пријават на тримесечниот воен курс кој го нуди нашата храбра армија. Се досега, македонското општество и менталитет се однесуваа небаре се остварил марксистичкиот сон за бескласно општество - немаме богаташки млади луѓе и кога истите тие политички ќе се активираат и ќе го злоупотребуваат гласот на работниците едноставно ќе се правиме наудрени.

Не е ништо поинаку во супкултурното милје на македонската урбана музика, поконкретно во правецот хип-хоп. Синот на т.н. крал на билбордите, може да го видиме во спот со војнички панталони како од своето порше пее колку е тешко да си сиромашен; или пак синот на марксистички универзитетски професор го гледаме во исто така брза спортска лимузина како ги рапува интелигентните стихови од типот мојот ортак ја крши нечија вилицата/и така го запознав јазикот на улицата додека во позадина како комунистичка идеолошка доследност оди хорот со рефрен Градот убав пак ќе никне. Сето ова не е ништо ново, децата на привилегираната комунистичка номенклатура стануваа црнобрановски режисери за да снимаат за маките на работничката класа, нешто што никогаш не биле и чија горчина на секојдневјето и тежина на животот никогаш одблизу не ја почувствувале.

Време е сите овие млади неокомунисти, кои добиваат стипендии дали на државниот дали на приватните универзитети и уживаат разно-разни други привилегии да престанат да говорат во името на некакви работници, со кои тие, живеејќи во своите удобни изолирани светови, ретко кога имале подиректен контакт. Затоа кога извикуваат пароли на скопскиот плоштад или кога пеат песни, тоа не е натопениот глас со горчина, тага и болка на малкуте вистински преостанати работници од македонската текстилна и металургиска индустрија. Тие се претставници на богата и привилегирана класа и подобро и поискрено е да пеат за своите проблеми.Денес е втори мај, ден кога левичарско-буржујските медиуми ќе ги прекоруваат уморните работници дека на ливада распослале скара. Тој гест отсекогаш сум го сметал за мошне дегутантен. Наместо тоа да биде еден од ретките денови кога може да уживаат јадејќи скара и пиво, треба да го билдаат рејтингот на лажните синдикални водачи кои редовно нивната поддршка како капитал подоцна ја употребуваат за нагодување со власта. Да, треба да протестираат, да ги бараат своите права, така мали и обесправени, без било каква можност да го подобрат својот статус, тие бели мечки (С. Јакимовски), за да го одржат пламенот на една лага за солидарност во општеството која овде една узурпирачка комунистичка класа сака да ја наметне со децении.


Labels:

0 пати коментирано досега:

Post a Comment

линкови до овој пост

Create a Link

<< Насловна