Macédoine : Aleks Bukarski, un pavé dans la mare littéraire
Алекс Букарски е млад Македонски автор и еден од најпопуларните блогери во земјата. Тотално спротивно на распроширената анонимност на интернет, Букарски не се плаши отворено да каже што мисли за времето и општеството во кое живее, македонската литература и нејзините проблеми. Реткост: Неговата прва книга беше преведена на бугарски јазик.
Говори за Le Courrier de la Macédoine.
Le Courrier de la Macédoine (CdM): Постојат автори во Македонија кои може да живеат од своето пишување?
Aleks Bukarski (AB): Не, не е можно да се живее од пишување во Македонија.
Овде, етаблираните писатели најчесто се универзитетски професори.
Тоа им овозможува да заработат и да се стекнат со одредени бенефиции...во кои спаѓа можноста за раскажување вицови пред кој студентите мора да се насмеат.
За возврат треба само да исполнат еден мал услов (кој тие секогаш го исполнуваат) - да пишуваат досадно и да ја третираат литературата како дел од национален проект.
Но така е и во многу поголеми земји со подолга книжевна традиција каде не може да се живее од пишување исклучиво на книги.
Некаде прочитав дека во САД на пример тоа се не помалку или повеќе од 8 автори.
Претежно повеќето од писателите држат часови по креативно пишување, работат како професори на факултети или пак се новинари.
CdM: Како објавуваат младите автори во Македонија? Добиваат ли државна поддршка?
AB: Не, не добиваат воопшто.
Државата и бирократите во културата не ги субвенционираат авторите, млади или стари, кои веќе не го дале во залог својот интегритет на политичките партии, невладините организации или фондациите.
Уште многу одамна државните институции беа создадени за да ја штитат неутралноста на писателите и интелектуалците и тие тоа одамна не го прават и се во континуирано распаѓање – кај нас на Балканот од неможноста да се пре-создадат, на Запад од преголемата моќ на корпоративниот капитализам.
Сметам дека државата треба да води грижа за спонзорирање на нивните публикации но исто така треба да овозможи и услови за литературна сцена.
Тоа може да се направи со печатење на магазини со критики, рецензии.
Моментално, нема ни контури од литературна сцена во Македонија. Во тој контекст невозможно да се живее од пишување.
CdM: Без поддршка на издавачката куќа “Темплум“ како ќе ја објавеше твојата прва книга?
AB: Пред да издадам пишував на мојот блог неколку години.
Крварев водејќи борби полемики со многу професори, книжевници, бирократи.
Колку повеќе одминуваше времето толку повеќе се стеснуваше кругот на можности а напоредно се зголемуваше листата на непријатели.
Знаете кога ќе искритикувате еден автор тоа повлекува и цел клан заедно со него во кој членуват издавачи, печатари, професори, академици...неверојатно испреплеткани црева.
Сериозно го имав доведено во прашање моето книжевно деби.
Од никаде се појави прилика среќна околност во дадената ситуација.
Сепак да бидам реален поминав лесно.
Ко ќе ми текне дека во Македонија некои автори дебитираат на 40 години...
CdM: Твојата книга беше преведена на бугарски. Дали сметаш дека македонската литература е доволно квалитетна за да ги надмине нејзините национални граници?
AB: Есенцијална потреба е литературата да ги пробие нејзините национални граници. Таа служи и за да се комуницира со остатокот од светот зарем не?
Петре М. Андреевски е еден од најдобрите македонски писатели но е преведен само во Србија. И, нормално е потоа многу млади да мислат дека ако издадеш во друга земја истовремено дека ја издаде татковината.
Младите не знаат дека Андреевски не е преведен на светски јазици како казна, едноставно не бил подобен кај комунистичките власти да направи “интернационална кариера“.
Денес исто многу малку му се придодава значение на преведувањето на нашите дела во странство, се со единствена цел авторите да бидат локализирани и како такви полесни за контролирање.
Државата не води грижа да се преведат квалитетните на некои од светските јазици иако тоа исто е нејзина обврска.
Пред година, две неколку хрватски писатели објавија во Германија, но тоа го направија вон-институционално врз база на лични пријателства и добра воља, како што впрочем и јас објавив во Бугарија.
Тоа е насекаде така на Балканот, освен во Словенија која има воспоставено практика да ги преведува на три јазици (англиски, француски, германски) своите најквалитетните автори.
Инаку не сметам дека македонскиот автор треба да има некоја книжевно туристичка мисија каде строго ќе ги опишува роднокрајните пејсажи, пасторалноста, менталитетот на ова поднебје и сл.
Авторот е подобро да напише универзална тема со космополитски вредности лишена од колонијална егзотика, и ако веќе не е гение тогаш може добро да копира т.е. модифицира, надгради некој понов книжевен модел усвоен во големите книжевности и така да му укаже на светот дека во Македонија живеат луѓе кои пишуваат добро, кои создаваат квалитетна уметност. Така најдобро би ја претставиле сопствената култура.
* забелешка - Интервјуто е дадено неколку месеци пред да се случи преведувањето на Петре М. Андреевски на руски јазик.
CdM: Дали сметаш дека младите автори во Македонија не се доволно храбри да кажат што мислат, да изнесат став?
AB: Да речеме од пет познати млади писатели на тројца татковци им се влијателни писатели во друштвото на писателите.
Како да се бунтуваат против тате?
Види сине што сторив за тебе, средив да те интервјуираат, средив за стипендија, средив да те сликаат за lifestyle рубрика, а ти не ме слушаш тврдоглав си...(фаца на загрижен татко што предизвикува грижа на совест)
Тешко против тоа да се побуни човек...во таква ситуација да бидам искрен дека и мене би ме болел газот за некаква социјална правда.
Сигурно би климал со главата и би ги користел сите тие погодности но ме знаете мене..и би правел некоја ѓаволштина..
Но, овие млади писатели не прават никакви проблеми со своето однесување или проза...
Само стига нова стипендија, овојпат во Амстердам, пишување во дворец, книжевна трибина во Париз, работилница во Њујорк, цицање од некојси средноевропски фонд.
Е, тоа веќе малку има врска со права литература...
Младите автори се грижат само за своите кариери.
CdM: Дали литературата денес може да се употребува како средство за критика на општеството?
AB: Францускиот писател Фредерик Бегбеде изјави дека “книгите денес мораат да одат таму каде телевизијата не оди. Литературата треба да го покажува невидливото, да го искажува неискажливото“.
Јас со таа радикална дефиниција потполно се согласувам.
CdM: Ти си еден од најактивните блогери во Македонија. За разлика од многумина одбиваш да настапуваш анонимно.
AB: Моето име Алекс е кратеница од Александар, додека Букарски е псевдоним кој произлегува од фамилијарен прекар којшто го носеле неколку генерации наназад.
Може да отворам блог и да се потпишам како Петар Петковски и да наведам биографски податоци кои ќе бидат нерелевантни.
Додека зад мојот псевдоним постои личност која повеќепати се појавила во јавност со својот лик, а на мојот блог имам објавено фотографија.
Значи не сум анонимен.
Ќе ви кажам и еден друг пример – неодамна една позната професорка отвори блог во кој не го откри својот идентитет.
Пишуваше неколку месеци и изнесуваше свои критички општествени ставови.
Привлекуваше многу малку внимание.
Наеднаш, најверојатно навикната на силен публицитет во нејзините настапи таа реши да обелодени за кого се работи и тогаш нејзиниот блог експресно стана еден од најпосетуваните.
Тоа е пример дека честопати луѓето не гледаат кој што изјавува туку кој општествен углед, титула и репутација таа го има зад себе па соодветно на тоа, ги изнесуваат опортунистички своите мислења.
Затоа извесни игри со идентитетот, анонимни провокации или т.н. постмодернистички стратегии во новите медиуми ги поддржувам.
Но, во Македонија луѓето не се кријат зад анонимни псевдоними затоа што играат постмодернизам, туку затоа што се плашат јавно да го изнесат својот став поради кој може да трпат сериозни последици.
Моето отворено идентификување е пркос спрема “фолклоризмот“ (кој повикува на анонимност) длабоко всаден во македонската култура и кој во комбинација со репресивниот државен апарат сериозно ги спречува граѓаните на Македонија јавно да се идентификуваат кога ги изнесуваат своите ставови и мислења.
Претпоставувам поради преопширеност не влегоа уште две-три прашања.
CdM: Дали има дела на француската литература кои посебно ги почитуваш? Или Автори?
AB: Го спомнав од најновите Бегбеде, иако мислам дека пишувам подобро и сум попровокативен од тој богат и размазен кучкин син.
Француската литература се покажа многу витална, уште може да се носи со американската, да се боксува со неа, уште од неа произлегуваат извонредни имиња.
Жан Жене има една од најдобрите поетики.
Омилен француски поет ми е Лотреамон, а прозаист Андре Жид.
Сите големи француски писатели се помалку декаденти, контраши, нихилисти и се проколнати.
Тие особини кај нив секогаш ме развеселуваат, така што чим чујам за француски автор го имам сето тоа во предвид и многу сум разочаран ако наидам на нешто спротивно од тоа...
Labels: Алекс Букарски








