Во хаотичниот ултра брз , динамичен сајбер (cyber) свет во кој оние што ја читаат, сакаат и на кои им е потребна литературата во било која форма после галактичките патувања, вселенските летала , зомбите,икс-досиеата, техно нус појавите, доживуваат тектонско поместување кога еден ден пред нив стои расказ, кратка приказна од Алекс Букарски во која главниот лик е налик на некој од нашето трауматизирано маало, мангупот од нашиот школски период, ликот од некоја веќе видена драма, а приори си велиме , што може ново оваа кратка приказна да понуди ? Искусниот читател запловува и љубопитно се предава во светот во кој авторот сака да нè однесе.
Неговите херои се локалните главни фаци “Црвот, Смокот, Багата“.. чии главни активности започнуваат, завршуваат или едноставно се само пропратени, со едно полулитарско ферментирано со битолскиот пивски квасец, сочните шаренолики пцости и меѓусебните зајадувачки, кои ја оживуваат сатирата на македонското рурално и приградско друштво. Низ дијалозите е проткаен типичниот суров и брутален хумор, оштроумна сатира каде што во еден момент еден од ликовите вели “народов наш наместо трпение-спасение, не можеше нешто друго да измисли нешто како тепание-спасение, дупение-спасение кај што се подразбира акција а не пасива??!“. На моменти низ понешто баналниот и статичниот диалог неочекувано одеднаш сме фатени во бурлескна смеа кога едниот лик изјавува “А мори... а да ми го лапнеше еднаш за капар!?!?“ или пак “Боо, шо газови имаше...- Остај газовите, ти зборувам сега за пропуштените револуции...” Приказните често одлетуваат во некој неочекуван смер најверојатно затоа што Букарски не пишува по некој униформиран концепт туку дејствието го создава пишувајќи.
Ослободен од сите правила и норми во книжевноста тој пишува народски, директно секогаш пропратено со вкусна доза на вулгарност. Инспириран најчесто од обичните животни ситуации тој ни го опишува светот на неговите ликови , кои како да сакаат да нивниот живот биде таков но со желба да е тој само малку-помалку ебено досаден, помалку предвидлив, стереотипен и примитивен. Секоја негова приказна е низа на мисли и асоцијации со често маестрален и бениген сарказам авторот на читателот му го фрла во лице неговиот сопствен одсјај од ’огледалото’, пренесувајќи му ги своите високо-волтни размислувања на само нему својствен начин и само под негови услови.
Отфрлувајќи го академско-книжевниот компромис со сите негови ограничувања, Букарски успева да створи уметност во своите раскази без додатоци, замачкувања и козметика креирајки една едноставна но софистицирана, колоритетна богата мелодија која е производ на неговиот сегашен etat d’esprit.
Неговата смелост се одразува и во моментите кога во неговите раскази искажува оштра и немилосрдна критика кон исполираното модерно снобовско друштво, експлозивно концентрирана мешавина на лудило, горчина и презир кон нашето полтронско општество, патријахална суровост или големо-малограѓанска искомплексираност. Виртуелната реалност и интернетот како медијум за Алекс Букарски се еден предизвик , вистински Waterloo каде што битката е крволочна и или славно ќе ја добие или славно ќе ја изгуби. Соочен со директната критика од читателите кои често пати се оставени збунети неразбирајќи дали авторот пишува автобиографски или пак можеби е сето тоа фикција (?)
Букарски возвраќа со уште еден и уште еден напишан расказ секогаш посмел во својата провокација секогаш поефикасен во играта со зборови.
Слично како Henry Thoreau , на моменти е потполно сам и се чини на моменти дека тие моменти на автокрација оддалечуваќи се и изолирајки се, не надбуљудува од милиметарска оддалеченост, стопувајќи се со толпата но комотно седејќи во својот Walden, црпи најмногу инспирација и подготвува некое ново доживување.
Неговата шармантна збирка на раскази неотповикливо го бара своето место на личната полица за книги на секој љубител на пишаниот збор припадник на својата генерација лишен од било каква идеологија.